Login | Следи не на: |
Голем број бизниси пронаоѓаат финансиска слобода и независност со креирањето на интернет продавница. Во голем број случаи интернет продавницата е проширување на започнатиот бизнис или физичката продавница. Други ја гледаат можноста за започнување на бизнис со мали вложувања и се одлучуваат токму тоа да го реализираат со интернет продавница. Но веќе сте ја активирале онлине продажбата и не забележувате значително зголемување на приходите. Првата повратна врска (fеedback) ви покажува дека интернет продавницата сама по себе не може да ја зголеми продажбата, вие мора да се ангажирате исто толку во нејзината работа и промоција колку што се ангажирате за вашиот тековен бизнис. Интернет продавницата не е хоби. Не е средство за слободно време. Не е средство за зголемување на бизнис статусот. Доколку ја водите интернет продавницата на начин како што го водите вашиот бизнис, нема причина за неуспех. Многу луѓе не успеваат во онлине продажбата бидејќи по креирањето на интернет продавницата комплетно ги запоставуваат основните бизнис постулати.
Со оваа статија би сакал да ви помогнам како да ги избегните најчестите грешки и нереални очекувања што ќе ги имате како нов или иден сопственик на интернет продавница.
1. Извршете промоција на вашата нова интернет продавница. Било да се работи за нов бизнис или продолжување на тековниот, интернет продавницата треба да се промовира а со тоа да ги запознаете вашите нови и постојни потрошувачи за нејзиното постоење. Знаеме дека промоцијата и маркетирањето може значајно да влијаат на вашиот буџет, но затоа пак на располагање ви е социјалната промоција на facebook или twitter, youtube и сл. која е сосема бесплатна. Потребно ви е само малку време, некоја интригантна маркетинг порака или видео и започнете со промоцијата. Дококу вашиот буџет дозволува повеќе, искористете ги и печатените и интернет медиумите за соодветна реклама и запознавање на потрошувачите. Целите на промоцијата во овај случај се пошироки и покрај за запознавање на клиентите, промоцијата треба да креира доверба и навика за идната онлине трговија. За ова прочитате повеќе во некоја од наредните статии.
2. Немате цели и маркетинг стратегија за нивно остварување – Ефикасниот маркетинг не се постигнува случајно. За тоа е потребно поставување на цели и план за нивно остварување и внимателна анализа и следење на работењето. Иницијалната промоција на продавницата треба да продолжи со соодветен маркетинг. Доколку имате физичка продавница – испечатете рекламен материјал (флаери, брошури, рекламни кеси) кој ќе го споделувате со сите ваши купувачи при посета на физичката продавница. Покрај тоа (или доколку поседувате само онлине продавница), може да ги искористите социјалните мрежи (во голем дел бесплатно) со споделување на производите на ваша twitter, facebook страна или споделување на производите до пријателите, кликни like и доби купон за попуст, да креирате наградна игра на социјалните мрежи и сл., да користите платен интернет или печатен маркетинг или да примените друг начин на промовирање на продавницата – на пример да доделувате купони за попуст , 5% (или повеќе-помалку) попуст за секоја прва нарачка преку интернет продавницата, сезонска акција на одредени производи преку интернет продавницата, изненадување за секоја нарачка, купи до 1000 ден. за бесплатна испорака…) За секоја стратегија е потребно време за нејзино остварување и доколку истата не е ефикасна потребно е реформулирање или поставување на нова. Многу е мал бројот на сопственици на мали бизниси кои ги споредуваат резултатите остварени преку интернет продавницата. Самата продавница води определена статистика, вие треба само да ги следите информациите за да сте флексибилни и да примените вистинската стратегија во вистинско време.
3. Посветете значајно внимание во онлине релацијата со потенцијалните купувачи. Бидејќи продавате преку интернет очекувајте прашањата за производите и услугите сега да пристигнуваат и преку интернет. Не ретко се случува купувачите со недели да чекаат одговор на некое прашање за производ поставено преку интернет. Тоа е загуба на потенцијален клиент или продажба. Можеби комуникацијата е електронска но сепак од другата страна стои реален човек на кого треба да му се посвети исто толку внимание како на секој клиент за да може да ја реализирате продажбата. Најдобро е да одвојувате по малку време секој ден отколку да одвоите еден ден во неделата за онлине конверзација со вашите клиенти. Запомнете, започнувањето на интернет бизнис не е начин за брза заработка, и не треба да се гледа на тој начин. Затоа е потребна ефикасна организација на вашето време за да можете да посветите доволно внимание и во секојдневната интеракција со вашите онлине клиенти.
4. Поставување на премногу ниски цени на производите. Интернет продавницата ви овозможува зголемена конкуренција со можност за поставување пониски цени поради пониските трошоци за одржување на продавницата. Но поставување на премногу ниски цени е лош бизнис модел затоа што во исто време не значи и зголемување на продажбата. Имајте во предвид дека конкуренцијата може во секое време да постави пониски цени од вашите а сепак да остварува поголем профит, со што вашиот модел нема да успее. Добар модел за зголемување на продажбата е зголемување на дополнителната вредност на производите. Додадете повеќе внимание и љубезност на купувачите, бесплатна испорака при продажба, додадете поклон на постоечкиот производ, батерии за купената играчка и сл (за ова читајте повеќе во наредната статија). Со прениски цени ќе имате контраефект.
5. Потполни и редовно ажурирани информациите за производите. За ефикасна продажба потребни се детални информации за производите и нивната залиха. Бидејќи производите се прегледуваат на интернет, најчесто целокупната информација и визуелната презентација овозможува остварување на продажба. Дури и да не се нарача онлине, преку визуелната презентација купувачот може да се поттикне да ја посети физичката продавница. Купувачите на интернет најчесто сакаат да прегледуваат повеќе слики од соодветниот производ, да читаат коментари и рејтинг на производите, детален опис, технички спецификации, да споредуваат производи (сите овие опции се ви се достапни со ukion.mk е-продавниците), се разгледуваат комплементарни и сугестивни производи пред конечно да се донесе одлука за купување. Доколку во вашата е-продавница нема доволно информации, иако цената е атрактивна нема да се оствари планираната продажба или истата ќе биде релативно мала.
6. Сам свој мајстор. Сопствениците на малите бизниси имаат сериозно лоша навика се да изработуваат сами. Ова е невитален дел од малиот бизнис посебно во почетокот на работењето на компанијата кој одзема значаен ресурс – време. Навидум се изгледа лесно и едноставно, додека не заглавите во лавиринт од проблеми за кои ќе ви треба премногу време или стручна помош да ги решите. Времето е многу вреден ресурс во бизнисот и иако за професионалец би платиле одредена сума пари, вас ви останува времето за она што го знаете најдобро, а тоа е развој и проширување на вашиот бизнис без дополнителни дистракции. Денес, интернет продавница во Македонија може да поседувате веќе од 20 евра месечно – во ukion.mk (се вклучено во цената), и доколку го споредите тој трошок со отворање на физичка продавница или со пропуштената можност (опортунитетен трошок) за унапредување на вашиот бизнис секако дека ќе се определите за платено решение.
Статијата е објавена во првиот регионален месечен магазин за стока за широка потрошувачка InStore бр.7. Автор на статијата е г-ин Виктор Устијаноски, извршен директор на УКИОН доо кој е долгогодишен познавач на трендовите во интернет трговијата во Македонија и на Балканот.
Не е дозволено било какво копирање, прилагодување, уредување, трансформирање, публикување, објавување, реобјавување дистрибуција, редистрибуција, пренесување или прикажување во јавност на овој текст (во било која форма или медиум) без писмена дозвола од УКИОН доо.